Трето полувреме“ не се занимава со политички прашања, но допира болни теми
Филмот доби политичка „аура“ со жестоките реакции од страна на бугарските медиуми и историчарите. Митревски ги оцени како безумни реакциите на негледан филм, но и навредите упатени до него како автор дека во филмот користи јазик на омраза. Реакциите не престануваат, па и чешките копродуценти неодамна беа обвинети за „антибугарска пропаганда со пари од ЕУ“.
„Сите тие квалификации за тие напади ги кажав пред неколку месеци кога се' уште наивно верував дека кампањата што се води во Бугарија е дело на одредени кругови, „запалени“ глави, евентуално политички екстремисти ит.н. За жал се покажа дека ова е една добро организирана машинерија на режимот на Бојко Борисов, која ги разбуди сите свои „шрафови“ и медиумски и политички, да се работи против овој филм. Не може да се има став за негледан филм или за непрочитано сценарио. Тие се трудат веќе цела година филмот да не се појави, да ги спречат сите извори на неговото финансирање, прво во Македонија, па во Европскиот парламент и сега на крајот во Чешка, овој филм да не биде виден, барем не пошироко како што планирам и така, една приказна која била криена многу внимателно цели 70 години, да не исплива на површина. Тоа за што тие зборуваат, во овој филм го нема. Нема јазик на омраза, нема антибугарски ноти, нема ништо освен гола фактографија и човечки приказни“, изјави Митревски за Дојче веле.