Никогаш немало поголемо интересирање за отворањето на Фестивалот „Браќа Манаки“ како што е годинава. Ова го велат организаторите, но уште една и посилна потврда е големата побарувачка за билети од скопјани и особено од верната битолска публика да присуствуваат на утрешното свечено отворање на 33. Фестивал на филмска камера кој стартува со новото остварување на Дарко Митревски, „Трето полувреме“.
Билети за отворањето нема, а како што велат од Центарот за култура во Битола, акредитирани се над 150 новинари, од кои 30 од соседна Бугарија, кои пројавиле големо интересирање за филмот на Митревски, секако, ќе присуствува голем дел од екипата на „Трето полувреме“, но и многумина од државниот протокол. И самите организатори се изненадени од огромното интересирање за Фестивалот, но, сепак, додаваат, тоа е вообичаено кога се работи за премиера на домашен филм.